Британскиот премиер Риши Сунак и францускиот претседател Емануел Макрон изразија загриженост за испораката на хуманитарна помош во Газа и опасноста од ширење на војната меѓу Израел и Хамас, соопшти денеска Даунинг стрит по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
„Двајцата лидери ја истакнаа важноста од испраќање итна хуманитарна помош во Газа. Тие се согласија дека ќе работат заедно на напорите за испорака на храна, гориво, вода и лекови до оние на кои им е потребна, како и за извлекување на странските државјани од таму“, изјави портпаролот на Сунак, додавајќи дека двајцата лидери „изразиле загриженост за опасноста од ескалација на конфликтот во поширокиот регион, особено на Западниот Брег“.
Според соопштението од кабинетот на Макрон, двајцата лидери го повториле правото на Израел да се брани во границите на меѓународното право, како и важноста да се најде начин за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.
Сунак и Макрон рекоа дека долго одложуваното решение на проблемот со формирање две независни држави, за Израелците и за Палестинците, е најдобриот начин да се гарантира мир.