Новак Ѓоковиќ со победа го стартуваше АТП мастерсот во Рим, а по триумфот на Аргентинецот Томас Мартин Ечевери, испрати порака за жртвите од масакрот во Белград.
Откако со 2-0 во сетови го победи аргентинскиот тенисер Ечевери, Ѓоковиќ на камерата каде што вообичаено се потпишуваат победниците, напиша порака за жртвите од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
„Св. Василиј Острошки, моли го Бог за нас. ОУ „Рибникар“, напиша Ѓоковиќ на камерата, а по мечот ја даде следната изјава:
„Сакам само на сите да им кажам дека најискрено ми е жал. Немав шанси до денес да се обратам на јавноста за масакрот кој се случи во училиштето „Рибникар“. Најискрено сочувство до сите семејства на кои им загинаа децата. Јас како родител на две деца можам само да замислам како се чувствуваат родителите. Им посакувам сила и љубов и се надевам дека ќе го преболат ова“, изјави Ѓоковиќ со насолзени очи по мечот.