Хеликоптер кој е дел од флотата со која се транспортираат највисоки руски функционери, вклучително и претседателот Владимир Путин, наводно се урнал при слетување во Москва.
Хеликоптерот „Мил Ми-8“ удри во земја во петокот при слетување на меѓународниот аеродром Внуково, кој се наоѓа на околу 42 километри југозападно од центарот на руската престолнина, објави Newsweek, повикувајќи се на објава на руската државна новинска агенција Интерфакс.
Воздухопловното издание Aerotime Hub објави дека хеликоптерот му припаѓал на специјалниот летачки одред „Россија“, кој управува со авиони што се користат за транспорт на руски владини претставници. Не е јасно кој бил во хеликоптерот и дали има повредени во инцидентот.
Службите за итни случаи, цитирани од Интерфакс, соопштија дека „според прелиминарните податоци има жртви“, истовремено цитирајќи и извор од аеродромот кој рекол дека нема повредени во инцидентот.
„За време на слетувањето хеликоптерот со елисата удри во земја и оштети дел од опашката“, изјавил за агенцијата извор од аеродромот. Newsweek го контактирал аеродромот Внуково за дополнителни коментари. Оваа вест ја пренесе и Москва тајмс на руски јазик.
Рускиот телеграмс канал „Маш“ објави слика од, како што вели, резултатот од несреќата. На фотографијата, наводно, се прикажани зборовите „Россија“ на хеликоптерот и очигледно отсечени елиси на роторот на опашката.
„Според нашите информации, станува збор за Mi-8MTV-1, произведен во 2013 година, за 22 патници“, се вели во пораката на Маш.
„Росиер“ имаше летови околу аеродромот во петокот наутро и попладне, што значи дека „Ми-8МТВ-1“ веројатно летал со исклучен транспондер.