Мисијата Артемис 2 влезе во нова фаза, откако екипажот го заврши историскиот лет покрај Месечината и сега се движи назад кон Земјата. НАСА соопшти дека астронаутите денес спроведуваат важни проверки за безбедно враќање, меѓу кои и проверка на опрема што треба да им помогне телото повторно да се прилагоди на гравитацијата, како и рачно управување со леталото „Орион“.

Во меѓувреме, НАСА ги објави и првите официјални фотографии од прелетот покрај Месечината. На нив се гледаат кратери, древни полиња од зацврстена лава, пукнатини на површината, моментот кога Земјата „заоѓа“ зад лунарниот хоризонт, моментот кога повторно „изгрева“, како и ретко затемнување на Сонцето, видено од длабоката вселена. НАСА наведува дека екипажот забележал и шест светлосни траги од удари на метеороиди на затемнетата страна на Месечината.

Дополнително, НАСА најави дека вечерва по американско време ќе има и разговор со екипажот додека продолжува патувањето кон Земјата, а спуштањето на капсулата во Тихиот Океан е планирано за 10 април.



