Франција оди на предвремени избори, Макрон го распушта парламентот, Ле Пен подготвена за нова битка

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека го распушта парламентот и распишува предвремени избори во земјата по поразот  на изборите за Европскиот парламент.

„На Франција и треба јасно мнозинство за да дејствува мирно и хармонично“, рече Макрон во обраќањето до нацијата од Елисејската палата, нагласувајќи дека изборите ќе се одржат во два круга – на 30 јуни и на 7 јули.

Advertisements

Првите проекции на резултатите од гласањето за Европскиот парламент покажуваат дека екстремно десничарската партија Национално обединување на Марин Ле Пен освоила најмногу гласови во Франција – 31,5 отсто од гласовите.

На второ место е коалицијата предводена од Макрон, со 15,2 отсто од гласовите, а на трето е Социјалистичката партија со 14 отсто. Левичарската партија „Непокорена Франција“ доби 8,7 отсто, а републиканците 7,2 отсто, според излезните анкети.

Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон, велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта.

„Подготвени сме да ја преземеме власта доколку Французите ни ја дадат својата доверба на претстојните национални избори. Подготвени сме да ја запреме масовната миграција, да и дадеме приоритет на куповната моќ и да направиме Франција повторно да живее“, рече таа.