„Газа станува гробница за деца“ – генералниот секретар на ОН бара итен прекин на огнот

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, повика на итен прекин на огнот во Газа, каде што палестинските здравствени власти соопштија дека бројот на загинати од израелските напади надминал 10.000.

„Газа станува гробница за деца“, изјави Гутереш.

И Израел и милитантите на Хамас кои ја контролираат Газа го отфрлија зголемениот меѓународен притисок за прекин на огнот.

Advertisements

Израел вели дека заложниците земени од Хамас за време на нападот во јужен Израел на 7 октомври треба прво да бидат ослободени.

Хамас вели дека нема да ги ослободи или да престане да се бори додека Газа е нападната.

„Копнените операции на израелските одбранбени сили и континуираните бомбардирања погодуваат цивили, болници, бегалски кампови, џамии, цркви и објекти на ОН – вклучително и засолништа. Никој не е безбеден“, изјави Гутереш за новинарите.

„Истовремено, Хамас и другите милитанти користат цивили како жив штит и продолжуваат неселективно да лансираат ракети кон Израел“, рече тој.

Претходно Израел соопшти дека 31 војник бил убиен од почетокот на проширените копнени операции во Газа на 27 октомври и повтори дека Хамас се крие со цивили и во болници.

Хамас ги повика ОН да ја потврдат „лажната приказна“ дека Хамас е сместен во болници.

Новинар на Ројтерс во Газа рече дека израелското бомбардирање во текот на ноќта од воздух, земја и море, е едно од најинтензивните во офанзивата поттикната од нападот на 7 октомври, во кој Хамас уби 1.400 луѓе и заплени повеќе од 240 заложници.

Министерството за здравство во енклавата контролирана од Хамас, соопшти дека оттогаш ниле убиени најмалку 10.022 Палестинци, вклучувајќи 4.104 деца.

„Газа станува гробница за деца. Стотици девојчиња и момчиња, наводно, се убиени или повредени секој ден“, рече Гутереш.

Меѓународните организации рекоа дека болниците не можат да се справат со ранетите, а храната и чистата вода се при крај, а испораките на помош не се доволно.

„Потребен ни е итен хуманитарен прекин на огнот. Поминаа 30 дена. Доста е. Ова мора да престане сега“, се вели во претходната изјава на 18 потписници, меѓу кои и високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Тирк, шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус и шефот за помош на ОН Мартин Грифитс.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е на турнеја низ регионот за да се обиде да ги намали ризиците од ескалација на конфликтот, да добие поголема помош во Газа и да подготви планови за одржлива иднина и за Израел и за Палестинците.

Вашингтон бара паузи во борбите за да дозволи помош наместо прекин на огнот, тврдејќи, како Израел, дека милитантите на Хамас само ќе ја искористат предноста.