Германија пред целосна блокада – на полноќ започнува најголемиот штрајк во последните 30 години

Ноќеска од полноќ во Германија речиси сè ќе застане – возовите воопшто нема да сообраќаат, ќе работи само аеродромот во Берлин, а треба да запре и јавниот превоз во седум од 16-те држави, објави денеска Дојче веле, најавувајќи го најголемиот штрајк во таа земја во изминатите 30 години.

„Предупредувачкиот“ штрајк го организираат Синдикатот на железничарите и транспортните работници (ЕВГ) и Синдикатот за услужни дејности Верди.

Бараат повисоки плати поради поскапувањата, како и подобри услови за работа на околу 2,7 милиони вработени во јавниот сектор и транспортните дејности, а во понеделник почнува нова рунда преговори со властите.

Advertisements

Верди бара 10,5 отсто повеќе за јавните службеници, чии плати се еднакви на платите на многу вработени на аеродромите или во јавниот превоз, но минималното зголемување да биде за 500 евра месечно бруто.

Одбиена е понудата на работодавачите покачувањето да изнесува пет отсто во два наврати, а и еднократно да биде исплатено по 2.500 евра.

Слична понуда до синдикатот ЕВГ понудиле Германските железници и уште педесетина железнички компании, а синдикатот ја одбил, барајќи 12,5 отсто поголема плата и најмалку 650 евра месечно.

Претседателката на здружението на општински и градски работодавачи, Карин Велге, во весникот Билд го критикуваше обемот на штрајкот, наведувајќи дека тој е прекумерен и не само што му штети на угледот на јавниот превоз, туку и на целокупниот углед на Германија како економска локација која е фокусирана на мобилноста.

Шефот на синдикатот Верди, Франк Вернеке, ѝ одговори дека е подобро ништо да не се помрдне во Германија еден ден и потоа да се постигне прифатлива понуда, отколку да пропадне и потоа борбата за работничките права да се одолговлекува со недели, при што граѓаните ќе бидат уште многу посериозно погодени.

Штрајкот беше најавен доволно рано за сите да се прилагодат, рече Вернеке, укажувајќи дека нема да има штрајк за време на велигденските празници.

Најавено е дека штрајкот ќе трае точно еден ден, а од вторник се ќе се нормализира, јави ДВ.