Британскиот министер за здравство Стив Баркли најави дека владата на Велика Британија и германската фармацевтска компанија „БиоНТек“ ќе склучат договор за да се забрза истражувањето на полето на нови терапии против ракот, јавуваат британските медиуми.
Прво ќе биде потпишан меморандум за разбирање со „БиоНТек“ со кој, како што рече Баркли, „најдобрите лекови за рак да им бидат достапни на луѓето што е можно поскоро“.
Тоа значи дека персонализираните мНРА терапии за британските пациенти со рак, вклучително и вакцините против коронавирусот, може да бидат достапни уште оваа есен.
„БиоНТек“ и „Фајзер“ заеднички развија мРНА вакцина против новиот коронавирус.
Во партнерство со британската Влада, „БиоНТек“ би можела да достави околу 10.000 дози за третман на британски пациенти до 2030 година.
„Откако ќе се открие ракот, мора да бидеме подготвени да ги понудиме најдобрите лекови и терапија што е можно поскоро, вклучувајќи терапии за рак на дојка, белите дробови и панкреасот“, изјави Баркли.
Британските пациенти ќе бидат меѓу првите кои ќе учествуваат во испитувања и тестирања за да развијат насочени, персонализирани и прецизни третмани користејќи нови трансформативни терапии за лекување на постоечките видови на рак и спречување на болеста да се врати.
Овој договор, истакна Баркли, е продолжение на ветувањето на Владата дека ќе издвојува 20 милијарди фунти годишно за истражување и развој, се со цел поефикасно лекување на пациентите.