Гутереш: Нападите на Хамас не го оправдуваат казнувањето на палестинскиот народ

Нападите на Хамас врз Израел не го оправдуваат колективното казнување на Палестинците, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш како одговор на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– За мене постои основен принцип, а тоа е дека Хамас не е палестинскиот народ. И треба да бидете способни да ја направите таа разлика и затоа не можете да ги искористите страшните работи што ги направи Хамас како причина за колективно казнување на палестинскиот народ – рече Гутереш во интервју за Си-Ен-Ен.

Нетанјаху рече дека секретарот го обвинува Израел и наместо тоа треба да бара Хамас да го почитува меѓународното право.

Advertisements

Гутереш додаде дека досега 101 член на ОН загинале во војната меѓу Хамас и Израел, која започна по нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел на 7 октомври, а дека бројот на жртви меѓу персоналот на светската организација се зголемува секој ден. Тој побара од Иран да го убеди Хамас да ги ослободи заложниците и да го задржи либанскиот Хезболах надвор од конфликтот.

Генералниот секретар на ОН истакна дека е загрижен оти војната во Газа може да се прошири на Западниот Брег и понатаму во Либан и дека земјата нема да преживее сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах.

Во својот одговор до израелскиот премиер, Гутереш рече дека го осудува Хамас „од самиот почеток“.

Зборувајќи за потенцијалната улога на ОН во посредувањето кога ќе заврши војната, тој додаде дека меѓународната заедница треба да се обедини и дека ОН можат да „играат улога“ во тоа.