Во Специјалниот суд во Хаг започнаа завршните зборови во судскиот случај против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на Собранието Кадри Вејсели и Јакуп Красниќи и поранешниот пратеник Реџеп Селими, пренесува Еуроњуз Албанија.
Специјализираната обвинителка Кимберли Вест го започна својот говор велејќи дека Специјализираниот суд станал „функционално, успешно тело за релативно краток временски период. И покрај стравот, стигмата и ситуациите со кои се соочуваат сведоците и нивните семејства од ограничена, но гласна група во Косово, овие сведоци толку очајно сакаа вистината да излезе на виделина, што избраа да соработуваат со мојата канцеларија и да сведочат пред овој суд.
Се тврди дека 100 лица биле убиени, а стотици други биле злоупотребени, во и околу 50-тина логори на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
„Овој случај се однесува на намерата на четворицата обвинети да стекнат и да остварат контрола врз цело Косово. Оваа определба за моќ и авторитет наиде на отпор, а тоа беше во форма на поединци кои се појавија како противници или беа идентификувани како соработници на српските сили или српски функционери, или кои не ги поддржуваа целите на ОВК.“
Според неа, честопати вклучувало луѓе поврзани со Демократскиот сојуз на Косово, Роми и Срби.
„За да ја постигнат својата цел, овие обвинети лица извршија злосторства против нивните претпоставени противници со цел да стекнат контрола низ целото Косово.“
Главната обвинителка Кимберли Вест изјави дека Обвинителството бара осуда по сите точки од обвинението во случајот против поранешните водачи на ОВК и изрекување единствена казна од 45 години затвор, пренесува Еуроњуз.
„Канцеларијата на специјализираниот обвинител бара осуда за сите точки од обвинението и единствена казна од 45 години, врз основа на индивидуалниот придонес во злосторствата извршени од секој од поединците, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Ова се воени злосторства и злосторства против човештвото, тие се сериозни и овие обвиненија не ја изгубиле својата вредност со текот на времето.“
Четворицата на почетокот на судењето се изјаснија за невини.
Се тврди дека злосторствата се извршени помеѓу март 1998 година и септември следната година на неколку локации во Косово и северна Албанија.
По завршните зборови, предметот ќе биде испратен до судискиот совет. Судиите имаат три месеци да донесат одлука за предметот или да побараат продолжување на рокот за донесување одлука.

