Хил: Србија плаќа висока цена што не воведува санкции против Русија, сè уште не е доцна да ги воведе

Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека Србија ќе мора да донесе одлука за санкции против Русија бидејќи, како што оцени, плаќа висока цена што не ги воведува.

Тој рече дека е многу важно Србија да не чека да стане членка на Европската унија (ЕУ), туку дека во процесот на пристапување да ја усогласува својата политика со ЕУ, вклучително и во однос на воведувањето санкции кон Русија.

„Мораме да знаеме дека Русија брутално го нападна својот сосед, многу мали европски земји воведоа санкции, иако им беше тешко, но тие го направија тоа затоа што беше правилно. Верувам и дека Србија ќе го разбере тоа, никогаш не е доцна да се направи вистинската работа“, рече Хил во интервју за радио станица од Нови Пазар..

Advertisements

На прашањето што најмногу го забавува напредокот на Србија кон ЕУ – невоведувањето санкции против Москва, недоволниот напредок во дијалогот со Приштина, состојбата на демократијата или проблемите во самата ЕУ, амбасадорот Хил рече дека најискрениот одговор ќе биде „сите заедно“.

„Но, најважно е граѓаните на Србија самите да се уверат дека патот кон ЕУ е вистинскиот, а ние веруваме дека е. Се надевам дека тоа ќе го видат граѓаните на Србија, свесен сум дека има фрустрации и незадоволство што процесот не оди брзо, но најважно е Србија да е на добар пат“, рече Хил.

„Србија доста напредуваше. Не се согласувам со песимистите кои велат дека Србија оди во лоша насока. Србија оди во вистинска насока. Знам дека е фрустрирачки тешко и бавно, но таа е на вистинскиот пат и ние ќе ја поддржиме колку што можеме“, рече тој.