Барак Равид, новинар на американскиот портал Аксиос објави на платформата Икс дека Иран извршил напад врз Израел користејќи десетици дронови.
Равид, кој е и аналитичар на Си-Ен-Ен, како извори наведе четворица неименувани израелски и американски претставници.
Израелската војска соопшти досега идентификувала повеќе од 100 дронови лансирани од Иран кон Израел.
Портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, потврди дека од територијата на Иран кон таа земја биле лансирани десетици беспилотни летала . Според него, израелските воздухопловни сили ги надгледуваат беспилотните летала, а тој нагласи и дека ќе бидат потребни неколку часа за да стигнат до воздушниот простор на земјата.
– Ќе се изврши блокирање на ГПС и војската ќе се обиде да ги пресретне беспилотните летала – рече тој.
Хагари додаде дека ќе има нови предупредувања доколку се случат нови напади и армијата навремено ќе ја информира израелската јавност.
– Сирените за воздушен напад ќе се огласат само во случај беспилотните летала да влезат во израелскиот воздушен простор, а војската ќе се обиде да ги пресретне и собори што е можно поскоро – рече Хагари.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок на воениот кабинет во воениот штаб Кирјат во Тел Авив, соопшти неговиот кабинет.
Според израелските медиуми, САД први дознале за лансирањето и веднаш го известиле Израел.
– Би ги повикал сите да не шират непотврдени гласини, да се држат само до официјалните пораки од ИД. Ќе ве контактирам доколку нешто се промени, останете смирени како и досега и следете ги упатствата. Израелската армија е добро подготвена и сите нејзини елементи, одбранбени и офанзивни, подготвени сме за различни сценарија и тесно соработуваме со САД и со другите партнери во регионот за да ги пресретнеме тие напади. Имаме одличен противвоздушен одбранбен систем, но мора да запомните дека одбранбените мерки никогаш не можат да бидат 100% успешни, затоа мора да ги следите упатствата што спасуваат животи – рече портпаролот на израелската армија.