Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни, а сите други избори ќе се одржат во согласност со законските и уставните рокови, јавуваат српските медиуми.
Во своето обраќање до граѓаните Вучиќ рече дека конститутивната седница на Националното собрание, која требаше да се одржи во понеделник, ќе се одложи за седум дена за потоа да се комплетира уставот.
Тој најави дека новата претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ, ќе ги распише изборите во Белград на 2 или 3 април.
„Направив формална грешка, реков дека изборите во Белград може да се одржат најдоцна на 5 мај, Велигден. Законски, сосема е прецизно, последниот датум за распишување избори е 3 април. А тоа мора да го соопшти претседателот на Собранието, кој дотогаш треба да биде избран. Бидејќи периодот на кампањата е од 45 до 60 дена, можно е изборите да бидат од 28 април до 2 јуни. Сите луѓе од СНС кои вечерва дојдоа на средбата, најголемиот дел од раководството се за таа да се одржи на 28 април, а сите други локални избори согласно уставните и законските рокови. Прашав и им благодарам на луѓето од СНС кои кажаа дека ги разбираат моите причини“, рече Вучиќ образложувајќи ја одлуката изборите да се одржат на 2 јуни.
Тој посочи дека изборите ќе се одржат во јуни бидејќи „битно е да имаме избори на кои на крајот сите ќе кажат „тоа е резултатот“.