Ракот на дојката и другите малигни заболувања се дел од работата и животната биографија на медицинската сестра Снежана Раденковиќ што ја објави српскиот портал Телеграф.
Кога си вработен во здравствена установа која згрижува и лекува онколошки пациенти, ти „влегуваат во крвта“ солзи, стравови, но пред се натчовечка сила и позитивна енергија за борба со подмолен непријател. А што ако се најдете на другата страна? Дали е полесно или потешко? И дали може нешто да се „измери“ кога ќе ви дијагностицираат малигнитет?, пишува новинарката Маријана Р. Рајиќ во приказната за медицинската сестра борец од Врање.
Фото: Фејсбук
Снежана имала претчувство, силна интуиција, дека нешто не е во ред. Хормоните веќе го започнале својот вообичаен танц, онаа карактеристика на женската природа која доаѓа со возраста и неизбежниот процес, менопаузата. Веќе во ноември 2017 година тоа чувство е силно, а при самопреглед на дојката почувствувала грутка во левата страна. Среде подготовките за нејзината крштеничка слава, пристигнува шок:
„Одам на ултразвучен преглед, каде што се забележува промена со нејасни контури. Но, колегите се таму, ме охрабруваат и д-р Раде Ристиќ ми вели:
„Ќе биде добро, ќе видиш“. Правиме мамограф, одам кај д-р Вукашин Антиќ, потоа биопсија. Доаѓаат резултатите и еве го мојот непоканет гостин, доаѓа предупредување. Тоа е тоа, си помислив, борбата почнува, нема предавање“, се присетува секогаш насмеаната Снежана, шетачка „реклама“ за позитивен став.
Секогаш подготвена да помогне, да слуша, да се шегува. Во таа смисла, болеста не смени ништо – така беше и порано. Ниту ракот на дојката не и ја расипа животната радост, благодарение на многу среќа, поддршка од колегите и Божја помош.
Сликите наизменично се менуваат како серија слајдови од декември 2017 година, кога таа била оперирана, а потоа од јануари до јуни 2018 година. Во тој животен калеидоскоп влегуваат лекувањето на Снежана, свадбата на постарата ќерка, раѓањето на првиот внук Вукан, студентските денови на втората, помалата ќерка, безрезервната поддршка на сопругот… И стравови, и среќа, и тага, и исчекување, и најважното, како што вели: „насмевката на Вукан, насмевката на душата, на нејзината душа, животот на нејзиниот живот“.
Снежана, вели, мора да ја истакне големата поддршка од своите најблиски, потоа колегите, пред се радиологот д-р Раде Ристиќ, хирургот д-р Вукашин Антиќ, патологот д-р Марија Трајковиќ и целата Онколошка болница на чело со д-р Коста Здравковиќ.
Животот продолжува, не чека…Операција, финален рН тест, конзилиум, хормонска терапија, па зрачење (25 зрачни терапии)… Малку подоцна уште една интервенција, за да се минимизира ризикот од повторување .
„Нема солзи и не ми требаат, не сакам сожалување. Плачев пред маж ми само еднаш, но не ги задржав емоциите. Ме водеше една мисла: уште имам причина да живеам, уште треба да се смеам и да бидам среќна. Некому да му дадеш благослов, да бидеш добра сопруга, мајка и баба. Да се биде нечиј пријател, нечија поддршка, инспирација, нечие рамо. Треба уште некого да пречекам, да нагостам, да испратам, да се радувам на некого и некој да ми се радува мене. Никогаш не треба да ја заборавиме одговорноста што ја имаме во нечиј живот. Нечии сме сите!!! И не смееме да заборавиме дека животот не се само моментите кога ти е тешко, кога имаш болка и тага. И животот е составен од убави нешта – треба да се држите до тоа. Главата горе, без предавање. И да му благодариме на Бога за секој ден од животот“, вели инспиративно Снежана во приказната на Телеграф.
Целата сторија може да ја прочитате ТУКА.