Кина до крајот на неделата ќе го загуби статусот најмногубројна земја во светот

Обединетите нации соопштија дека до крајот на неделава Индија ќе ја престигне Кина според бројот на жители и со тоа ќе стане најмногубројна земја во светот.

Друго тело на ОН минатата недела предвиде дека Индија ќе ја престигне Кина до средината на оваа година. Меѓутоа, новите податоци покажуваат дека до крајот на април Индија се очекува да има население од точно 1.425.775.850 лица.

Кина и Индија повеќе од 70 години наназад сочинуваат повеќе од една третина од светското население, пишува Би-Би-Си.

Advertisements

„Кина наскоро ќе го загуби долгогодишниот статус на најмногубројна земја во светот“, се наведува во соопштението на Одделот за економски и социјални прашања на ОН (ДЕСА).

Оттаму додаваат дека „поради несигурностите поврзани со проценката и проекцијата на населението, точниот датум кога се очекува Индија да ја надмине Кина по население е приближен и е подложен на ревизија“.

Фондот за население на ОН минатата недела објави дека Индија до средината на 2023 година ќе има 2,9 милиона лица повеќе од Кина.

Стапката на наталитет во Кина неодамна опадна, а населението се намали минатата година за првпат од 1961 година. ДЕСА предвидува дека пред крајот на овој век можно е населението на Кина да падне под една милијарда. „Наспроти тоа, се очекува населението на Индија да продолжи да расте уште неколку децении“, нагласуваат оттаму.

Сепак, стапката на фертилитет опаѓа и во Индија – од 5,7 раѓања по жена во 1950 година на 2,2 раѓања по жена денеска.

Во ноември минатата година светската популација надмина осум милијарди луѓе, но експертите веруваат дека растот не е толку брз како што беше во минатото.