Кина објави 60.000 смртни случаи поврзани со коронавирусот

Кина денеска објави дека околу 60.000 луѓе починале од коронавирусот од почетокот на декември, откако владата на земјата беше обвинета дека не објавила податоци за статусот на пандемијата.

Од вкупниот број на смртни случаи, 5.503 лица им подлегнале на симптомите на респираторна инсуфициенција предизвикана од инфекција со корона вирусот, а 54.435 лица имале симптоми на други болести во комбинација со Ковид-19.

Националната здравствена комисија соопшти дека пријавениот број ги вклучува само смртните случаи на хоспитализирани пациенти, па може да биде и поголем бидејќи е можно одреден број заразени со коронавирусот да починале дома.

Advertisements

Кинеската влада престана да известува за податоци за инфекции и смртни случаи на почетокот на декември, откако брзо ги олесни мерките за ограничување.

Светската здравствена организација и другите влади го повикаа Пекинг да обезбеди повеќе информации во услови на пораст на нови инфекции.