Наставничката по историја која во средата ја рани 13-годишниот Коста, момчето кое уби осум школски другари и чуварот на училиштето „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, како што пишуваат српските медиуми, е надвор од животна опасност, но во голем шок.
Во разговор со лекарите таа постојано повторувала една иста реченица.
„Според лекарите кои се грижат за неа на хируршкото одделение на Клиничкиот центар на Србија, иако сега е надвор од животна опасност и вели дека се чувствува добро, наставничката Татјана во состојба на шок го повторува само ова: „Боже, Боже, што ни се случи! Што му требаше ова?“, открива извор од болницата.
Како што се дознава, поради сериозни повреди, неа ја чека уште една ортопедска операција.
Според последните сознанија од истрагата, Коста го планирал масовното убиство цел месец, а она што било откриено во неговиот телефон е застрашувачко.
Тој, како што наведува извор од истрагата свесно го извршил убиството на своите врсници и на училишниот чувар, бидејќи непосредно пред злосторството, на интернет го пребарувал Кривичниот законик на Србија за да истражи дали децата можат да бидат кривично одговорни.