Миланка Негиќ, мајката на девојчето С.Н (13), кое беше убиено во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, јавно побарала учебната година веднаш да се прекине во цела Србија и од 1 септември да следува целосна реформа на образовниот систем.
Мајката во исповед за печатеното издание на Курир, предлага на местото на основното училиште „Владислав Рибникар“ да се изгради меморијален центар и ниедно дете да не стапне таму на настава, „бидејќи тоа не е нормално“.
„Доживеавме нешто што е најголема трагедија што се случила во светот, а сега ги туркаат децата да одат на училиште, да нормализираат се, да продолжат… А ова е „Крвавата бајка“ на 21 век“, вели мајката.
Таа смета дека мора да се покаже солидарност, а не да се продолжи со обиди за нормализирање на целата таргедија.
„Во ред е, и потребно е децата да поминуваат време со класот и наставниците до лето, но надвор од училиште: на терени, игралишта, во паркови, нека зборуваат, нека се смеат, нека плачат, нека врескаат, нека се гушкаат.. Сакаме сите деца да бидат во фокусот во текот на летото, а од 1 септември мора да има целосна реформа на образовниот систем“, рече Негиќ.
Таа, како што пренесува Курир, смета дека на децата треба да им се понудат содржини кои, пред сè, ќе развијат емпатија, блискост, другарство и меѓусебно почитување, а не да биде само трка по оценки.
„ Јас имам четири и пол годишно дете, имам волја и сила да се борам, сакам тоа дете да порасне тука, и важно ми е во какво општество ќе порасне. Се сеќавам како беше кога бев мала, секој 21 октомври цело одделение размислуваше за тоа што се случи во Крагуевац во 1941 година, а целото одделение тогаш плачеше, имаше чувства, емоции, сочувство. Нашето општество денес нема емпатија, во училиште не се стекнува, во училиште има само некоја нездрава конкуренција и завист, тоа е единственото нешто што се развива. На училиште најголем акцент се става на оценките, се врши голем притисок, праговите за упис во средните училишта се покачени, децата се фрустрирани. Затоа притисокот со оценките мора под итно да исчезне“, изјави Миланка Негиќ за Курир.