Макрон не ја исклучува можноста за испраќање борбени авиони во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање борбени авиони во Украина, кои украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе подолго време ги бара од своите сојузници.

„Европа ќе биде со нас додека не победиме. Слушнав дека од бројни европски лидери се подготвени да ни го испратат сето потребно оружје и поддршка, вклучително и авиони“, рече Зеленски на вчерашната прес-конференција.

Кога новинарите утрово на крајот од самитот на лидерите на ЕУ во Брисел го прашаа Макрон за испорака на борбени авиони, тој рече дека „апсолутно ништо не е исклучено“.

Advertisements

„Секоја испорака на воени авиони е долгорочен процес, кој го вклучува и периодот потребен за обука на украинските пилоти. Во следните недели и месеци на Украина и треба пред сè итна помош. Приоритет е да испрати друго оружје“, рече Макрон.

„Не исклучувам ништо, но тоа не одговара на денешните барања. Од клучно значење е сојузниците да дадат приоритет на испораката на најкорисната опрема“, рече Макрон, наведувајќи ги како примери топовите „Цезар“ и противвоздушниот систем „Мамба“, кој веќе го има испорачано Франција.

Снабдувањето на Украина со борбени авиони би било еден од најголемите чекори досега за западна поддршка, а Москва предупреди дека тоа ќе доведе до ескалација и продолжување на конфликтот.