Српскиот портал Курир.рс открива страшни детали за масовниот убиец кај Младеновац кој, како што пишуваат српските медиуми, убил осумина и ранил 13 луѓе во крвавиот поход во три села во околината – Дубона, Шепшин и Мали Орашје.
Според локалното население, пишува српскиот портал Курир, Урош ги убил и своите најблиски роднини, наводно еден од неговите браќа, неговата снаа и 12-13-годишното момче, негов внук.
Полицијата до пет часот утрово сѐ уште трагаше по осомничениот кој наводно пукал и во група од околу 20 деца.
„Застанал, излегол од автомобилот и пукал во нив“, пренесува Курир изјава на еден од жителите.
Урош, како што велат мештаните, е син на офицер на српската армија кој работи во Генералштабот во Белград.
„Не беше проблематичен, секогаш изгледаше како мирно и добро дете. Татко му дојде овде за Велигден и купи свиња“, вели соговорник за српскиот портал.
Како што дознава Курир, таткото и братот на Уроша Б., не ни знаеле што се случува, а кога таткото дознал само паднал на земја, колабирал од шок.