Момчето што го изврши масакрот во Белград може да биде на слобода и да се врати дома

Момчето кое во Белград уби осум ученици од своето училиште и училишен чувар бидејќи не наполнил 14 години, според законот се третира како дете и не може кривично да одговара, а неговата понатамошна судбина може да оди во три правци, пишува српскиот портал „Блиц“ адвокатот Никола Илиќ и специјалистот за социјално право Драган Вулевиќ.

Според пишувањата на српскиот портал, откако случајот ќе го преземе Центарот за социјална работа, постојат три можности за понатамошно постапување, а сите три зависат од наодот на лекарот.

„Првата опција е понатамошна хоспитализација, за што е потребна родителска согласност. Доколку родителите не дадат согласност, органот за старателство може да започне постапка за донесување привремена мерка за одземање на родителското право и да му определи привремен старател на детето. Друга можна опција е да го ослободат и да го сместат во установа за деца со нарушувања во однесувањето, тоа е дом за одгледување деца во Књажевац. А за тоа е потребна согласност од родителите, доколку не ја дадат, повторно оди постапката за донесување мерка за одземање на родителско право. Трета можност, лекарскиот тим може да каже дека не е потребно лекување и момчето да се врати кај семејството. Тогаш органот за старателство е должен да изготви детален план за поддршка на родителите во воспитувањето на детето – изјави за РТС Драган Вулевиќ, специјалист по социјално право.

Advertisements

Токсиколошките анализи на крвта на Коста Кецмановиќ (13), кој вчера уби осум врсници и училишен чувар, а рани шест деца и наставник по историја, биле негативни на алкохол и наркотици, дознава „Блиц“.

Да потсетиме, Коста Кецмановиќ вчераутро влегол во училиштето со пиштолот на својот татко, прво пукал во училишниот чувар, потоа во дежурните ученици и уште едно девојче во ходникот, па се упатил кон канцеларијата за историја. Таму ја ранил учителката, а потоа почнал да пука во своите врсници. Според официјалните информации од МУП, убиени се седум девојчиња, едно момче и училишниот чувар. Шест деца се ранети, како и наставник по историја.

Според Вишото јавно обвинителство во Белград, момчето не е кривично одговорно според Законот за малолетни сторители и казненоправна заштита на малолетни лица бидејќи не наполнило 14 години. Од друга страна, на неговиот татко Владимир му е одреден притвор до 48 часа поради сомнение дека сторил кривично дело – тешки кривични дела против општата безбедност.