Нема консензус кој ќе го наследи Столтенберг, на кормилото на НАТО ќе остане уште една година

Јенс Столтенберг најверојатно ќе остане на чело на најголемиот воен сојуз уште една година, бидејќи според неофицијални информации, раководството на НАТО се уште не може да постигне консензус за тоа кој би бил негов наследник пред самитот во средината на јули во Литванија.

Норвежанецот е на позицијата генерален секретар веќе 9 години, а тој ужива огромна поддршка во Алијансата па како ефективен лидер па затоа продолжување на неговиот мандат не би претставувал проблем кај сите земји членки. Администрацијата на американскиот претседател Бајден веќе размислува за оваа опција, а шансите за Столтенберг да остане уште една година се зголемуваат со приближувањето на самитот во Вилнус, бидејќи покажувањето на евентуално неединство ќе фрли црна дамка на НАТО во моменти кога продолжуваат да реагираат на руската агресија.

Најголеми шанси за наследник на Столтенберг има британскиот министер за одбрана Бен Валас кој и минатата недела рече дека ја сака оваа позиција, но, добри шанси има и данската премиерка Мете Фредериксен која би можела да стане првата жена која ќе ја има оваа функција.