Забранет пестицид, особено опасен по здравјето на децата, е пронајден во овошје одгледувано во Хрватска, објави Европскиот систем за предупредување за трговија со храна (РАСФФ).
Контролите на продажните места во Хрватска открија хлорпирифос во мандарини што се продаваат во Хрватска и Словенија, пишува Дневник.хр.
На 23 октомври РАСФФ зел примероци од овошје во Хрватска и на него биле откриени 0,033 мг/кг пестицид хлорпирифос, додека максималната дозволена количина е 0,01 мг/кг.
Овој пестицид беше забранет во Европската унија во април 2020 година, откако бројни студии покажаа дека изложеноста на овој пестицид може да влијае на невролошкиот развој на децата и да го оштети нероденото дете.
Студиите и епидемиолошките наоди го поврзуваат со нарушувања во развојот на мозокот, хиперактивност, ретардација на растот, намален коефициент на интелигенција, според одлуката на Европската комисија за забрана на неговата употреба.
Неодамна беа запрени и уништени две пратки мандарини испратени од Хрватска во Србија.