Ова е човекот кој стои зад организацијата која го изврши нападот во Москва ФОТО

Санаула Гафари (29), кој го предводи авганистанскиот огранок на Исламската држава, успеал да го претвори во еден од најопасните делови на таа глобална милитантна исламистичка мрежа, способна за операции далеку надвор од нејзината територија, тврди неименуван американски разузнавач.

Исламската држава ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во петокот во концертната сала Крокус во предградието на Москва, во кој загинаа најмалку 137 луѓе, а американските власти тврдат дека имаат разузнавачки информации кои укажуваат дека авганистанската фракција на Исламската држава (ИСИС-К) е одговорна за нападот, пренесува Ројтерс.

Официјален Вашингтон соопшти дека ја предупредил Русија овој месец за можен терористички напад врз основа на пресретнати комуникации на членовите на ИСИС-К.

Advertisements

Руското Министерство за надворешни работи изрази сомневање во врска со тврдењата дека членовите на ИСИС-К се одговорни за нападот во салата Крокус, иако откривањето на таџикистански пасоши на уапсените вооружени лица сугерира можна поврзаност со групата на Гафари, велат експертите за безбедност.

Во последниве години, неговата организација постојано се обидуваше да изврши напади врз Русија како одмазда за нејзината интервенција во сириската граѓанска војна, каде што беше поразена регионалната фракција на Исламската држава.

Минатата година беше објавено дека Гафари бил убиен во јуни во Авганистан, но тој успеал да побегне ранет преку границата во Пакистан и се верува дека живее во провинцијата Белуџистан, во области кои не се под контрола на централните власти, пренесува Ројтерс.