Франческо Џорџи, партнерот на сега веќе поранешната потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, призна дека учествувал во корупциски скандал со Катар, изјавија два информирани извори за Ројтерс. Признанието пред белгиските истражители први го објавија белгискиот весник Le Soir и италијанскиот La Repubblica.
Признанието на Франческо Џорџи дека примал мито од Катар за да влијае на одлуките на Европскиот парламент е голема работа за истрагата, изјави извор запознаен со ова прашање.
Тој додаде дека Џорџи, кој е асистен во ЕП, застанал во одбрана на Ева Каила, велејќи дека таа не направила ништо лошо.
Грчката пратеничка, која во понеделникот беше разрешена од функцијата потпретседател на ЕП, тврди дека е невина.
Во однос на овој корупциски скандал, Катар тврди дека не ги поткупувал европретставниците.
„Катар категорично ги отфрла сите обиди да се поврзе со обвиненија за казниви дела.. Секое поврзување на катарската влада со објавените тврдења е неоснована и груба дезинформација“, изјави за Ројтерс неименуван катарски функционер.