Ивица Пивац (71), хрватски бизнисмен, косопственик и претседател на одборот на директори на Групацијата Пивац ненадејно почина во понеделникот.
Според Јутарњи лист, на Пивац околу 17 часот му се слошило додека бил на плажа и веднаш бил префрлен во сплитската болница. Тој починал во вечерните часови.
„На Ивица му се слошило на плажата каде што се обиделе да го реанимираат, но за жал починал на пат кон КБЦ во Сплит“ – соопштија од Здружението Завојане.
Традицијата да се занимаваат со месо во семејството Пивац започнала во 1952 година, кога таткото Миленко отворил месарница. Браќата Тончи, Ивица и Невен Пивац уште од мали нозе се занимавале со тој занает.
Работата на семејството Пивац почнала во раните осумдесетти години, кога нивната месарница во Вргорац ја откриле ресторани и хотелиери на Макарска, кои дошле во Вргорац да купат месо. Но, подемот најверојатно почнал уште порано, бидејќи во 1978 година го купиле првиот камион за транспорт на добиток.