Рама: Србија мора да го признае Косово

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Србија мора да го признае Косово и да побара простување за сите воени злосторства извршени на територијата на таа земја.

Според него, на крајот од процесот на дијалог Косово-Србија, Албанците треба да се обединат, а тоа го сака и косовскиот премиер Албин Курти.

„Албанците мора да се обединат и секако дека Албин (Курти) го сака истото, но јас поинаку размислувам за начинот на кој ќе стигнеме, поинаку размислува Албин. Но, Албин е премиер на Косово и тој треба да избере, му посакувам се најдобро и успех и нека разбере дека можеби грешам“, рече Рама.

Advertisements

Рама истакна дека има добри односи со косовскиот премиер Албин Курти, дека нивните средби се „инспиративни“ и додаде дека двајцата се разликуваат во нивниот пристап.

„Навистина имаме многу добри односи, нашите средби се инспиративни, одличен хумор, многу се смееме. Имаме различни пристапи кон Србија, но иста цел“, рече Рама во четвртокот во гостувањето на албанската телевизија Клан.

Рама ова го изјави откако косовскиот премиер Курти само еден ден претходно му рече дека не треба да се надева на српскиот претседател Александар Вучиќ.