Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе го назначи Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, за претставник на претседателот за специјални мисии и политика кон некои непријателски држави, вклучително и Северна Кореја.
– Рик ќе работи на некои од најжешките точки во светот, вклучувајќи ги и Венецуела и Северна Кореја, објави Трамп на Трут Соушл, без детали за новите должности на Гренел, кој беше и специјален пратеник на претседателот за преговорите меѓу Белград и Приштина од 2019 до 2021 година.
Гренел претходно беше американски амбасадор во Германија, како и вршител на должноста директор на Националната разузнавачка служба за време на мандатот на Трамп од 2017 до 2021 година.
Летоска премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оствари средба со Гренел на која освен за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, како што беше соопштено, се разговарало и за заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот како што е енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјава.
Тоа беше втора средба на премиерот Мицкоски со Гренел, се сретнаа и во САД за време на посетата за самитот на НАТО во Вашингтон.