Руската амбасада во Лондон упати заканувачка порака до Велика Британија, но и до цела Европа. Во соопштение за јавноста во кое се осврнува на вчерашната „театрална посета“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Лондон, каде што тој одржа говор во парламентот и се сретна со кралот Чарлс.
За време на говорот во британскиот парламент, Зеленски побара од Велика Британија да и достави борбени авиони на Украина. Руската амбасада наведува дека посетата на Зеленски на Лондон „очигледно имала за цел да ја подготви западната јавност за одлуки насочени кон дополнително задоволување на постојаните барања на режимот во Киев“.
„Нема сомнеж дека западните авиони, доколку некогаш бидат испратени, ќе се користат за воздушни напади врз станбени области во Доњецката Народна Република, Луганската Народна Република, Херсон и Запорожје“, се вели во соопштението на руската амбасада. Станува збор за четири украински региони кои Русија ги прогласи за своја територија.
„Сакаме да го потсетиме Лондон: во случај на такво сценарио, бројот на жртвите како резултат на уште една ескалација, исто како и воено-политичките последици за целиот европски континент, ќе биде „на рацете“ на Обединетото Кралство“, се вели во соопштението.
„Русија ќе знае како да одговори на секој непријателски чин на британската страна“, заклучуваат од руската амбасада.