„САД и ЕУ ја бараат мојата глава“ – првиот човек на српската разузнавачка агенција поднесе оставка

Александар Вулин, директорот на српската Безбедносно информативната агенција (БИА) поднесе оставка.

„Претседателот Александар Вучиќ и Србија се соочуваат со закани и уцени, кои може да се споредат само со австроунгарскиот ултиматум од 1914 година. Од нас се бара да го признаеме Косово, да ја напуштиме Република Српска и да престанеме да бидеме суверена земја и нација со воведување санкции кон Руската Федерација. Доколку се согласат на тоа, следното барање би било протерување на кинеските инвестиции, безусловна технолошка и економска зависност од Западот, како и продолжување на политичкото и територијално распаѓање на Србија и прифаќање на западните вредности, во кои нема место за традиционалното семејство и нација, а на крајот и за социјалната правда“, вели Вулин во својата изјава.

САД и ЕУ ја бараат мојата глава како предуслов за невоведување санкции кон Србија, додава тој

Advertisements

„Не ги предизвикав уцените и притисоците кон Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисоци. Затоа поднесувам неотповиклива оставка од местото директор на БИА“, пишува Вулин.

Вулин изминатата деценија беше на политички функции во Србија – од директор на владината канцеларија за Косово, прв човек во ресорите одбрана и внатрешни работи, до позицијата шеф на српската тајна служба.