Штетата од земјотресот во Турција надмина 100 милијарди долари

Само материјалната штета предизвикана од земјотресот во Турција надминува 100 милијарди долари, покажува прелиминарната пресметка на Светска банка, ОН, Европската унија и Владата во Анкара.

„Еден месец по земјотресот во кој загинаа повеќе од 46.000 луѓе во Турција, веќе е јасно дека само материјалната штета ќе биде повеќе од 100 милијарди долари“, изјави Луиза Винтон, раководителка на Програмата за развој на ОН во Турција.

Таа на видео-конференција на ОН во Женева од Газиантеп, Турција, рече дека „трошоците за реконструкција и се што оди со подобра и поеколошка реконструкција очигледно ќе ја надмине таа сума“.

Advertisements

Таа посочи дека проценките сè уште се засноваат на прелиминарни податоци, но бројката за штета од 100 милијарди долари ќе биде претставена на донаторската конференција за реконструкција на 16 март во Брисел.

Винтон изрази „разочарување и тага“ поради недостигот на дарежливост од донаторите, укажувајќи дека досега се исполнети само 9,6 отсто од помошта од 1 милијарда долари итно побарана на 16 февруари.

Речиси 46.000 луѓе загинаа, а 105.000 беа повредени во земјотресот од 6 февруари со јачина од 7,8 степени и последователните 7,6 степени во Турција, но билансот сè уште е нецелосен.

Во 11 од 81 провинција во Турција, 214.000 згради беа уништени или оштетени, од кои некои беа високи повеќе од 10 ката.

Во зајотресите загинаа речиси 6.000 луѓе и во соседна Сирија, каде што исто така е предизвикана голема материјалната штета.