Што покажа истрагата за смртоносните напади со пејџери и токи-воки во Либан?

Бугарија и Норвешка во четвртокот се најдоа во центарот на глобалната потрага по добавувачот кој го снабдувал либанското шиитско движење Хезболах со илјадниците пејџери коишто експлодираа во Либан оваа седмица по добивањето на шифрирана порака, нанесувајќи голем безбедносен удар на движењето децениски противник на Израел.

Безбедносни извори велат дека Израел е одговорен за експлозиите во вторникот, во кои загинаа 12 лица, беа ранети повеќе од 2.300 и ги зголемија тензиите во ескалацијата на конфликтот меѓу двете страни. Тел Авив директно не ги коментираше нападите. Засега не е познато како и со чија помош е извршен нападот со пејџерите, но засега можни траги се откриени во Тајван, Унгарија и Бугарија.

Не е јасно како и кога пејџерите биле претворени во далечински активирано оружје. Истото прашање сè уште важи за стотиците воки-токи на Хезболах кои беа разнесени во средата во вториот бран напади.

Advertisements

Според една теорија, пејџерите биле преземени откако ја напуштиле фабриката и во нив бил додаден експлозивот. Друга теорија вели дека Израел имал контрола врз целиот синџир на снабдување.

Бугарските власти во четвртокот соопштија дека нивното Министерство за внатрешни работи и разузнавачките служби започнале истрага за можните врски на една компанија со случајот. Тие не ја наведоа компанијата за која истражуваат.

Локалните медиуми објавија дека софиската компанија „Norta Global“ ја овозможила продажбата на пејџери на Хезболах. Повикувајќи се на безбедносни извори, телевизијата bTV објави дека 1,6 милиони евра поврзани со трансакцијата поминале низ Бугарија и отишле во Унгарија.

Агенцијата Reuters пренесувајќи ги овие информации не можела веднаш да ги потврди наводите.

Електронските пораки испратени на адресата на компанијата објавени во бугарскиот регистар на деловни субјекти се вратени како недоставени. Основачот на компанијата одбил да ги коментира извештаите.

Фотографиите од уништените пејџери анализирани од Reuters покажуваат форма која одговара на уредите произведени од тајванската компанија „Gold Apollo“. Компанијата во средата соопшти дека пејџерите се произведени од „BAC Consulting“ од унгарската престолнина Будимпешта.

Сопственичката и шефица на унгарската компанија, Кристијана Барсони-Арцидиаконо, не одговорила на повеќекратните барања на Reuters за коментар преку телефонски повици и СМС пораки.

Во средата, таа изјави за американската телевизија NBC News дека нејзината компанија соработувала со тајванската компанија „Gold Apollo“, но дека нема никаква врска со изработката на пејџерите.

„Јас сум само посредник, мислам дека погрешно сте разбрале“, изјави таа за NBC News.

Унгарскиот портал Telex, повикувајќи се на свои извори, објави дека продажбата на пејџери ја овозможила бугарската „Norta Global“.

Седиштето на бугарската компанија е регистрирано во зграда во главниот град Софија, каде според локалниот регистар се Norta регистрирани речиси 200 други фирми, но компанијата не можела да биде најдена на адресата, пишува Reuters.

Адвокатот Владимир Кузманов, кој потврдил дека ја застапува „Norta Gobal“, бил присутен на адресата, но одбил да одговори на прашањата на Reuters во четвртокот.

Содржината на веб-страницата на компанијата, globalnorta.com, беше избришана во четвртокот. Веб-страницата претходно имаше верзии на англиски, бугарски и норвешки јазик и рекламираше консултантски услуги, интеграција на технологија, вработување и аутсорсинг.

„Ако барате агилна компанија која ќе ви помогне да успеете или да го пронајдете вистинското технолошко решение за вас? Не барајте понатаму“, пишуваше на веб-страницата, во која увид имал Reuters пред да биде сменета.

Нејзиниот основач Ринсон Jозе живее во Норвешка, а тој одбил да коментира во врска со пејџерите и го прекинал телефонскиот повик кога го бил прашан за водењето бизнис во Бугарија.

Неговите соседи во мирното предградие на Осло рекле дека не знаат многу за него. Амунд Дјуве, шеф на компанијата „DN Media“, каде што Јозе моментално работи, изјавил за Rweuters дека е запознаен со извештаите и дека ги предупредил полицијата и разузнавачките служби. Тој рекол дека Јосе е на пат за САД.

„Ние ги сфаќаме овие работи многу сериозно“, рече Дјуве.

Норвешката разузнавачка служба PST соопшти дека е запознаена со ситуацијата, но одбила дополнително да коментира.

Истражувањето на Reuters не пронашло доказ кој би укажал на поврзаност помеѓу бугарската „Norta Global“ и норвешката „DN Media“.

Барсони-Арцидиаконо, од „BAC Consulting“, фирма од Будимпешта, исто така поврзана со продажба на пејџери, го напуштила својот стан во главниот град на Унгарија во средата, изјавил нејзиниот сосед за Reuters. Неговите врати биле отворени во средата, но затворени во четвртокот наутро, пренесува репортерот на Reuters кој бил на посечената адреса. Додавадека никој не одговорил на ѕвончето.

Либански безбедносен извор изјавил за Reuters дека Хезболах мислел дека ги нарачува пејџерите од тајванскиот производител „Gold Apollo“ и дека тие се произведуваат во Азија, а не во Европа. Изворот додал дека Хезболах верува дека ќе биде многу полесно за израелската разузнавачка служба Мосад да дејствува во Унгарија.

„Можно е Мосад да создаде европска компанија“, рекол изворот.