Сијарто ѝ порача на ЕУ: Приемот на нови членки треба да почне со Западен Балкан, Украина не ги исполнува условите

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, рече дека приемот на нови членки во Европската унија ќе го направи европскиот блок посилен и дека ЕУ треба да започне со приемот на Западен Балкан.

Сијарто рече дека Европската комисија правилно утврдила оти Србија постигнала значителен напредок на патот кон евроинтеграциите, објави „Будапест тајмс“.

Зборувајќи за Украина, тој навел дека Украина не ги исполнува условите за кандидатски статус за членство во ЕУ, нагласувајќи дека тоа ги крши правата на малцинствата.

Advertisements

Сијарто додаде дека унгарската влада смета дека е време за дебата за идната политика на ЕУ кон Украина.

Со оглед на војната која е во тек, јасно е дека во земјата не се почитува ниту слободата на медиумите, ниту слободата на говорот, а не се одржани ниту избори, посочи унгарскиот министер.

Сијарто рече дека е апсолутно јасно дека Украина нема да биде подготвена за членство во ЕУ додека не се воспостави мир.

„Украина ќе донесе војна во Европската унија, која ние очигледно не ја сакаме, која не можеме да ја сакаме“, нагласи Сијарто.

Тој ја поздрави одлуката на Европската комисија да ѝ додели кандидатски статус на Грузија, кој, според него, требало да биде доделен многу порано.