Силна Европа и независност од САД – Фридрих Мерц победникот на изборите во Германија ветува големи промени

Фридрих Мерц, претседателот на Демохристијанскиот сојуз (ЦДУ), треба да биде новиот германски канцелар. Неговиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ освои нешто повеќе од 28% гласови на вчерашните парламентарни избори и ова претставува голем политички камбек за Мерц, кој повторно стана пратеник дури во 2021, по 12 години пауза.

Со 69 години, Мерц ќе биде најстариот канцелар од Конрад Аденауер, кој дојде на функцијата како 73-годишник во 1949.

И Мерц и актуелниот канцелар Олаф Шолц се школувани адвокати, но тука завршуваат сличностите помеѓу нив, и физички и карактерно. Склон кон преземање политички ризици, Мерц е различен политичар и од Ангела Меркел и ова особено дојде до израз минатиот месец, кога се обиде да протурка законски промени за имиграцијата во парламентот, и тоа со помош на крајната десница.

Advertisements

Мерц се сметаше за ривал на Меркел во почетокот на 2000-тите. Тој сакаше да се наметне како кандидат на ЦДУ за канцелар за изборите во 2002, но партијата се реши за Едмунд Штојбер, кој потоа изгуби од социјалдемократот Герхард Шредер. Мерц потоа се повлече од политиката, а во 2009 веќе не беше кандидат ни за пратеник.

Инаку, Мерц не ги дочека конечните изборни резултати во неговата земја за да објави нова ера во Европа. Тврдејќи дека САД се рамнодушни кон судбината на европскиот континент, Мерц ја доведе во прашање иднината на НАТО и повика Европа да ја зајакне сопствената одбрана што е можно поскоро.

Овој тон на блискиот сојузник на САД, Фридрих Мерц, кој е познат како страстен поборник за соработка меѓу Европа и Америка, беше незамислив пред само неколку месеци.

Тоа е тектонско поместување. Можеби звучи како претерување, но она што во моментов го доживуваме во трансатлантските односи е без преседан во последните 80 години, од крајот на Втората светска војна, наведува Би-Би-Си во анализата на пораките на Мерц.

Големите европски сили беа шокирани од политиката на администрацијата на Трамп, која сугерираше можност за укинување на безбедносните гаранции за Европа кои се во сила од 1945 година.

„Никогаш не мислев дека ќе морам да кажам нешто вакво во телевизиско шоу, но, по изјавите на Доналд Трамп минатата недела… јасно е дека оваа администрација не се грижи премногу за судбината на Европа“, рече Фридрих Мерц вчера по изборите.

„Мој апсолутен приоритет ќе биде да ја зајакнеме Европа што е можно поскоро за да можеме, чекор по чекор, навистина да постигнеме независност од САД“, додаде тој.