Слободан Негиќ, таткото на девојче кое беше убиено во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“, синоќа во телевизиска емисија со пораките што ги упати до луѓето по страшното злосторство, не само што ги расплака сите во студиото , туку и сите што го гледаа на ТВ екраните.
„Луѓе, ви благодарам на сите! Сфатете дека понекогаш единствената причина зошто човекот мора да се бори е затоа што има луѓе околу себе, треба да научиме голема лекција дека се работи за нас, за нас луѓето, за нашите судбини. Тешка ми е судбината, но ќе го поднесам и тоа како што Софија, како што кажува името, мудро ме научи да го правам тоа“, изјави Слободан Негиќ.
Водителката и гостите на крајот на емисијата се расплакаа додека таткото раскажуваше како неговата ќерка Софија го добила името.
„Во овој случај можам да кажам „nomen est omen“. Нејзиното име навистина е нејзина судбина. И мудроста на тоа дете ме научи да го гледам секој од вас во очи денес и да бидам благодарен што ми давате емпатија. Воопшто не мислам дека нема емпатија меѓу луѓето! Има многу, погледни го Игор (видно плаче), погледни се Оља, солзи ти течат“, рече таткото обраќајќи се на водителката и на гостинот во студиото Игор Јуриќ, чија ќерка беше киднапирана и убиена во 2014 година, случај кој го потресе Балканот.
„Денеска во очите на луѓето видов искрен страв за сите нас. Кога бев на погребот на ќерка ми, ми пријдоа многу луѓе, од кои многумина не ни знаев кои се. Тешко им беше да ми изразат сочувство, а јас да го прифатам, се додека во еден момент не почнав да гледам во очите на тие луѓе. Гледајќи ги сите во очи, им благодарам и благо се поклонувам. И тогаш и тие луѓе почнаа да се чувствуваат некако прифатени, како да се познаваме од порано“, изјави Негиќ, таткото на девојче кое беше убиено во масакрот во Белград.
Фото: Принтскрин