„Со гнасотии ја трујат нацијата“ – над 370.000 граѓани на Србија потпишаа петиција против две српски телевизии

На социјалните мрежи се споделува петиција во која српските граѓани бараат одземање на дозволите на српските телевизии Пинк и Хепи. Велат дека со реалити шоуа овие телевизии ја „трујат“ нацијата, пропагираат неморал, дискриминација, кривични дела и други спорни работи кои ја вознемируваат јавноста.

„Бараме на телевизиите Пинк и Хепи да не им се доделуваат национални фреквенции. Овие две телевизии во голема мера ги користеа своите национални фреквенции за да го прекршат Законот за електронски медиуми“, стои во описот на петицијата.

Авторите на петицијата подетално објасниле зошто таа е отпочната.

Advertisements

„Иако се општи даватели на медиумски услуги, што значи дека мора да имаат документарни, културни, научно-образовни и детски програми, овие две телевизии имаат врска со детска програма само кога во нивното студио ќе повикаат локален политичар за кој сведоци тврдат дека подведува малолетници. Ние имаме обврска да застанеме на патот на ваквите гнасотии, без оглед на потенцијалните несогласувања, политички разлики или различни определувања“, стои во описот на петицијата која ја потпишува Лука Трипковиќ од Здружението за заштита на уставноста и законитоста и народното движење „Kreni – Promeni“.

Според потписниците на петицијата, нездравото станува нормално. Многу познати личности повикаа граѓаните да се потпишат на петицијата.  Досега над 370.000 луѓе се потпишале на петицијата.