Српскиот претседател, Александар Вучиќ синоќа во интервју за поткастот на Доналд Трамп Јуниор изјавил дека Србија е земја која доживеала голем економски развој во последните години, држава со независен и суверен пристап кон меѓународната политика, но и земја која се соочува со протести и во која е во тек обид за обоена револуција со многу пари вложени од странство.
Во интервју за поткастот „Triggered“ на платформата „Rumble“, чиј автор е синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Вучиќ рекол дека Србија се уште не е членка на ЕУ и дека е земја на „нов пат“ на нејзиниот развој.
„Нашата земја минатата година беше втора најбрзо растечка економија. Оваа година веруваме дека Србија ќе биде економија број еден во Европа со најбрз раст. Во последните години навистина направивме голем економски развој и големо влијание врз животниот стандард на луѓето. Ситуацијата, се разбира, никогаш не е идеална и секогаш може да се критикува многу, но генерално, Србија е на вистинскиот пат“, се пофалил Вучиќ.
Тој посочил дека Србија многу инвестира во инфраструктурни работи и се обидува да привлече многу странски директни инвестиции, а тоа успешно го прави во последните години.
„Од друга страна, ние сè уште се гордееме што имаме независен и суверен пристап кон меѓународните политички настани, актери и идеи. И тоа е она што на некој начин ја прави разликата меѓу нас и барем многу земји од Европската унија. Од друга страна, има неколку земји во Европа кои се соочуваат со протести. Во моментов една од тие земји е Србија. Големи протести против нас поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември“, кажал шефот на српската држава.
Тој изјавил дека она што се случило на 6-ти јануари за Доналд Трамп било, на некој начин, 3-ти ноември за него, кога против владата, како што вели, била искористена една од трагичните несреќи што се случуваат ширум светот и со повеќе жртви, како што е несреќата што се случи откако претседателот Трамп беше инаугуриран оваа година, а во САД се судрија хеликоптер и авион што предизвика тешка несреќа со повеќе изгубени животи.
„Тоа беше искористено на начин на кој не можев да верувам, против владата, иако обвинителството подигна обвиненија против сите луѓе за кои сметаше дека се одговорни за тоа. Ја завршивме нашата работа, ги исполнивме сите барања на студентите, но тоа не беше доволно. И сфатив, да речеме, кон средината на декември, дека ова е обоена револуција во тек, увезена револуција, нешто што не може лесно да се справи. И не беше лесно, сепак не е лесно, но верувам дека сме на многу добар пат успешно да надминеме“, нагласил Вучиќ.