Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека „во рок од 24 часа“ на јавноста ќе ѝ бидат претставени докази и искази на очевидците кои биле на лице место во Бањска на северот на Косово.
Во видеоснимката објавена на Инстаграм, Вучиќ наведува дека „Србија нема да се смири додека не се дознае вистината за тоа што се случило во Бањска“, каде што беше убиен албански полицаец и најмалку тројца Срби.
„Имаме изјави на очевидци, луѓе кои биле на лице место и виделе како и на кој начин, брутално, е убиен најмалку еден ранет. И Србија нема да се смири додека не се дознае целосната вистина, бидејќи животот на Србите не вреди помалку од другите. И не ме интересира кој и колкав притисок ќе врши, како што не ме интересира како и на кој начин со своите лаги имаат намера да ја повредат Србија, како во регионот, така и во западните медиуми“, вели српскиот претседател.
Тој порача дека за „независноста на Косово може само да сонуваат“ бидејќи Србија ќе ја „чува Повелбата на ОН, Резолуцијата на ОН 1244 и својата територијална целовитост“.
„Кога осуммина полицајци беа убиени во Северна Македонија, тоа не беа терористи. Но, кога албански полицаец, кој не ни требало да биде на тоа место, е убиен, сите Срби до 14-то колено мора да бидат истражени, поапсени и убиени“, наведе Вучиќ.
Ден претходно, српскиот претседател изјави дека нема намера да ѝ нареди на војската да ја премине границата со Косово и дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје.
„Минатата година имавме 14 илјади луѓе во близина на административната линија, денеска имаме 7.500 и тоа ќе го намалиме на 4.000“, изјави Вучиќ за Фајненшал тајмс.
Владата во Приштина доцна синоќа ги повика српските власти да ги повлечат своите воени сили од граничната линија со Косово.
Соединетите Американски Држави на 29 септември ја повикаа Србија да ги повлече силите од границата, нарекувајќи го нивниот потег „многу дестабилизирачки развој на настаните“.
Истиот апел Европската унија го упати до Србија ден подоцна преку шефот на дипломатијата Жозеп Борел.
До распоредувањето на српските сили долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, која негира каква било поврзаност.
Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.
Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.
Во престрелката, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.