Србија објави фотографија од еден од убиените во Бањска – „извршена е егзекуција, лице в лице“

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска во Палатата Србија презентираше вознемирувачки докази за настаните во селото Бањска на северот на Косово и Метохија од неделата на 24 септември“, јавуваат српските медиуми.

Тој покажа вознемирувачка фотографија од еден од убиените Срби во Бањска, Бојан Мијаиловиќ.

Врз основа на фотографијата српските експерти утврдиле дека Мијаиловиќ бил убиен лице в лице, додека ранет лежел на земја.

Advertisements

„Прашањето на обдукцијата е клучно, особено како е убиен Бојан Мијаиловиќ. Она што ни го кажаа нашите патолози, врз основа на оваа фотографија, тврдат дека влезната рана е во пределот на левиот очен капак, а излезната е местото каде што дупката е на десната страна на главата, што јасно укажува дека тој бил убиен додека лежел на грб. Десната нога е во неправилна положба, што укажува на тоа дека тој прво бил ранет, па паднал, па е извршена егзекуцијата, лице в лице“, посочува директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија.

Петковиќ додаде дека Курти вчера, додека народот ги испраќаше убиените Срби во вечното почивалиште, продолжил со теророт.

„Тој го уапси Лазар Јаниќијевиќ кој одел на погреб за да се прости од школскиот другар кој бил погребан во Врњачка Бања. Тој бил запрен на преминот Јариње и однесен во Приштина, ден претходно малтретирале тројца Срби кои требало да сечат дрва на нивните имоти. Во петокот малтретирале вработени и пациенти во Косовска Митровица“, истакна на прес-конференцијата Петковиќ.

Клучното прашање за ЕУЛЕКС, според Петковиќ е зошто беше одбиено да учествува во истрагата.

„Поминаа седум дена од трагичните настани. Ќе продолжиме да бараме да слушнеме зошто се одбиени. Досега не добивме одговор на ниту едно друго писмо до ЕУЛЕКС во кое бараме одговори на прашања поврзани со обдукцијата. Посебно за Бојан и Игор и начинот на кој беа убиени. Се разбира, за да не се открие како ладнокрвно биле убиени Србите, како и за да не се открие дека меѓу косовската полиција имало платеници од терористичките кампови“, вели Петковиќ.