Србија прогласи ден на жалост по трагичните настани на Косово

Владата на Србија го прогласи 27 септември за ден на жалост поради, како што наведе, трагичните настани во Косово. Согласно одлуката, сите медиуми и организатори на јавни настани утре ќе мора да ја приспособат својата програма и на тој начин да им оддадат почит на жртвите во Косово.

Освен во Србија, тридневна жалост е прогласена и во општините со мнозинско српско население на северот на Косово. Водечката партија на косовските Срби, Српска листа, објави дека 26, 27 и 28 септември се прогласени за денови на жалост за смртта на сограѓаните во трагичниот настан во селото Бањска.

Косовската полиција беше нападната рано утрината на 24 септември од група маскирани и вооружени лица, при што загина еден полицаец. Вооружената група која се судри со косовската полиција се засолни во манастирот во селото Бањска, по што косовската полиција соопшти дека се убиени тројца напаѓачи. Шестмина осомничени за поврзаност со вооружената група се уапсени.

Advertisements

Областа околу селото Бањска сè уште се истражува. Поради ова, влезот на селото сè уште е блокиран, а можат да влезат или да излезат само оние што живеат таму и имаат итна потреба да се преселат.

Косово и Србија разменија меѓусебни обвинувања за одговорност за насилството.