Во Србија, по два страшни масакри, во кои згаснаа 17 животи, а 21 лице беа повредени се случуваат масовни апсења на оние кои ги величаат убијците и се закануваат со злосторства, пишуваат српските медиуми.
Само вчера беа уапсени неколку малолетници, сите над 16 години завршија во притвор – им се заканува затворска казна до пет години, додека оние кои поседуваа оружје до 12.
Тројца малолетници од Нови Сад, кои одат во Машинското училиште, се уапсени поради основано сомнение дека сториле кривични дела загрозување на сигурноста и предизвикување паника и неред.
Тие на Инстаграм објавија заканувачки пораки со слика од нож и пиштол, за кои се покажа дека е реплика и им е одредена мерка притвор до 30 дена.
Курир.рс пишува дека е приведен и малолетник (17) од Ниш поради сомнение дека сторил кривично дело предизвикување паника и неред бидејќи на Инстаграм објавил порака со закана дека денеска во Ниш ќе бидат убиени над 30 лица.
Полицијата приведе и малолетничка од Белград која се снимаше на Тикток како ја исмева трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ и го велича момчето убиец.
Таа нема наполнето 14 години, па против нејзините родители ќе биде поднесена соодветна пријава.
Адвокатот Предраг Савиќ за Курир.рс вели дека најблагото дело неовластено поседување огнено оружје се казнува со затвор од шест месеци до пет години, придружено со парична казна, а доколку се работи за поголемо количество оружје, казна затвор од две до 12 години, а може да се изрече и парична казна.