Поранешниот австриски репрезентативец Волкан Кахраман (43) е убиен во Виена среде една од градските улици по расправија со пријател кој потоа се самоубил. Станува збор за засега неименуван 46-годишен маж.
Австриските медиуми јавуваат дека набргу по страшното убиство и самоубиство, на местото на злосторството се собрале луѓе, меѓу кои имало и членови на семејствата на двете жртви па дури дошло и до конфликт меѓу нив.
Се шпекулира дека се работи за злосторство мотивирано од љубомора.
Кахраман и неговиот убиец, како што понатаму се наведува, биле во деловни односи. Според изјавите на сведоците, двајцата мажи се скарале во кафулето пред кобниот момент, а потоа излегле на улица кога 46-годишниот пријател на фудбалерот го застрелал во главата и го убил на лице место. Потоа си пресудил.
Пријателот на Кахраман и спортски директор на клубот во кој убиениот работел како тренер, СЦ Остбан XI, даде изјава за тамошните медиуми.
„Изгубив добар пријател, брат и учител. Поминувавме по седум дена секој ден на теренот и надвор од него, се познававме со години“, изјави Рамазан Карач, потресен од смртта на Кахраман.
Кахраман беше надежта на австрискиот фудбал во 1990-тите, професионалната кариера ја започна во Феенорд на само 17 години, а во 1998 година од истиот град беше прекомандуван во Екселзиор каде играше три сезони.
По две успешни сезони за Пашинг, во австриската Бундес лига, Кахраман беше повикан во австриската репрезентација за која одигра три натпревари во 2002 година.
Се пензионираше во 2010 година по неколку години играње во австриските пониски лиги.
Роден е во Виена во семејство на турски емигранти, а во 2017 година се кандидираше како кандидат на Австриската народна партија ОВП на парламентарните избори, но не успеа да добие гласови.