Трамп: Не можеме да дозволиме една држава да го уценува целиот свет

Тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран дополнително се заострија откако американскиот претседател Доналд Трамп објави нови мерки поврзани со поморскиот сообраќај во регионот на Персискиот Залив.

Преку објава на платформата Truth Social, Трамп најавил ограничувања за бродовите што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа, со образложение дека станува збор за одговор на неуспешните мировни разговори меѓу двете земји. Според него, секое движење без координација со американските власти би можело да биде третирано како закана.

„Не можеме да дозволиме една држава да го уценува целиот свет. Она што се случува е неприфатливо и ќе реагираме соодветно“, навел Трамп, додавајќи дека постојат сигнали за можна нова дипломатска иницијатива.

Од Техеран следеше брза и остра реакција. Иранските власти оценија дека ваквите потези се незаконски и предупредија дека секој обид за попречување на нивниот поморски сообраќај ќе биде третиран како агресија.

Ирански воени претставници порачаа дека нивните сили ќе продолжат да ја гарантираат безбедноста на пловидбата во Персискиот Залив и Оманскиот Залив, нагласувајќи дека евентуален инцидент би можел да има сериозни последици за регионалната стабилност.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија предупреди дека ваквите случувања претставуваат ризик за глобалното снабдување со енергенси, особено ако дојде до нарушување на транспортните рути низ регионот. Слични оценки стигнаа и од ОПЕК, од каде посочија дека неизвесноста веќе влијае врз движењето на цените на нафтата.
И покрај заострената реторика, дипломатски извори најавуваат можност за нова рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран. Како потенцијални локации повторно се споменуваат Исламабад, како и неколку регионални центри во Турција и Египет.

Advertisements

Според последните информации, дел од трговските бродови веќе продолжиле со пловидба низ регионот, што укажува дека ситуацијата на терен сè уште е динамична и неизвесна.