Турција предупредува дека може да започне воена операција во Сирија

Турска копнена воена операција во Сирија е можна во секој момент, изјави денеска Ибрахим Калин, близок советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Продолжуваме да го поддржуваме политичкиот процес“ што започна на крајот на декември со состанокот на турскиот и сирискиот министер за одбрана во Москва, рече тој, но додаде дека копнена воена операција е можна во секое време, во зависност од заканата. Тој разговараше со новинарите од повеќе странски медиуми.

Тој најави можна нова средба меѓу министрите за одбрана на двете страни пред средбата на шефовите на дипломатиите на Турција и Сирија закажана за средината на февруари.

Advertisements

„Сакаме безбедност на нашите граници“, рече тој, мислејќи на присуството на курдските сили на сириска територија.

Тој рече дека Турција никогаш не ги таргетира интересите на сириската држава или сириските цивили.

Сепак, тој додаде дека безбедносните гаранции што ги ветија Русија и САД по последната турска офанзива во Сирија во 2019 година „не се одржани“ и дека курдските борци не се повлекле на 30 километри од границата како што ветиле.

Сирискиот претседател Башар ал Асад во четвртокот предупреди дека секое приближување со неговиот турски колега треба да има како предуслов „крај на турската окупација“ на северот на Сирија.

Од 2016 година Турција изврши три офанзиви на сириска територија против курдските сили на северот на земјата, по што успеа да го стави под своја контрола граничниот појас од сириска страна.

Од 2011 година, Анкара ги поддржува бунтовниците кои се борат против владата во Дамаск.