(ВИДЕО) Официјален Киев: Украинските сили не отстапуваат од Соледар – „Русите се движат преку сопствените трупови“

Украинските сили не отстапуваат во жестоките борби за градот Соледар на исток, додека Русија го зајакнува своето воено присуство во таа земја, изјави денеска заменик-министерката за одбрана Хана Малар.

Малар рече дека бројот на руски воени единици во Украина се зголемил на 280 од 250 една недела порано, додека Москва се обидува да добие „стратешка иницијатива“.

„Борбите се жестоки во правец на Соледар. Тие се движат преку сопствените трупови. Русија принудува илјадници нејзини граѓани да бидат заклани, но ние се држиме“, изјави Малар за новинарите.

Advertisements

„Тешките борби продолжуваат во Соледар во моментов. Непријателот претрпува големи загуби – таму се борат најобучените единици на Вагнерците“, изјави утринава портпаролот на Источната група на украинските сили, Сергеј Черевати.

Друг висок воен функционер, бригадниот генерал Алексеј Громов, рече дека воената ситуација во Украина и понатаму е „тешка“ и дека најжестоките борби се водат на источниот фронт.

Руските сили се обидуваа да ги пресечат украинските линии и да ги опколат украинските војници, рече тој.

Громов рече и дека и оваа година ќе има опасност од напади од Белорусија, руски сојузник кој граничи со Украина.

Дел од украинските медиуми објавија и фотографии од правењето на утврдувања на северот од земјата.