Полицијата во Загреб соопшти дека утрово околу 4 часот и 45 минути во клубот „Риц“ на улицата Флоријан Андрашец во загрепска Трешњевка се случило убиство, јавуваат хрватските медиуми.
Во фолкерскиот клуб е убиен Томислав Сабљо, кој беше обвинет од Ускок во акцијата на специјалното обвинителство наречена „Тебра“. Сабљо е убиен по физички конфликт меѓу неколку лица. Бил застрелан од редарот во клубот.
„Човекот кој е поврзан со ова дело е уапсен и е во полициски притвор. Во тек е истрага и криминалистички увид“, извести полицијата.
Томислав Сабљо е стар познаник на полицијата а на пошироката јавност и е познат како обвинет на Ускок и еден од протагонистите на акцијата „Тебра“. Инспекторите од Ускок поднесоа обвинение против Сабљо, обвинувајќи го дека е шеф на криминална група која шверцувала 15,7 тони марихуана во Хрватска, како и дека организирал палење автомобили и подготвувал физички напади врз челниците на Динамо и други луѓе.
По апсењето во акцијата „Тебра“ во јули 2019 година, Сабљо беше во притвор повеќе од две години. Откако го напушти затворот Реметинац, тој помина само неколку дена на слобода пред полицијата да го приведе поради обид за изнуда на 77-годишниот З.Г.