Државниот обвинител на Бугарија Иван Гешев беше цел на обид за атентат, тоа не беше само обично заплашување, потврди Борислав Сарафов, помошник обвинител, пренесуваат бугарските медиуми.
„Добро сум, се плашам за децата, изјави кратко обвинителот Иван Гешев по инцидентот, пренесува бугарскиот портал ПИК.
Освен обвинителот, во колоната биле и неговата сопруга Детелина Ханчева и нивните ќерки Ивет и Далија, според информациите на ПИК.
Нападот се случил кога заштитениот конвој возила во кој бил и автомобилот со Гешев околу 11.40 часот по локално време се движел кон Софија, кога меѓу две села во близина на Самоков одекнала експлозија крај автопатот.
Бугарските медиуми јавуваат дека пламените јазици од експлозијата биле високи 4-5 метри, а на коловозот бил формиран кратер со длабочина од 30 до 40 сантиметри и пречник од 3 метри. Како што претходно објави полицијата, бомбата експлодирала пред едно возило во конвојот, а притоа е повреден припадник на обезбедувањето на обвинителот.