(ВИДЕО+ФОТО) Кој е Јаков Милатовиќ, новиот претседател на Црна Гора – успеа да го симне од тронот Мило Ѓукановиќ?

Јаков Милатовиќ победи на претседателските избори кои денеска се одржаа во Црна Гора и го испрати од претседателската фотелја Мило Ѓукановиќ кој 30 години беше на чело на државата.

Прелиминарните резултати од вториот круг на претседателските избори во Црна Гора велат дека Милатовиќ освоил повеќе од 60 отсто од гласовите.

Овој млад политичар е роден е 1986 година во Подгорица. Студиите од областа на економијата ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора, каде што бил студент на генерацијата. Магистерските студии од областа на економијата ги завршил на Универзитетот во Оксфорд и бил стипендист на британската влада.

Advertisements

Работното искуство го започнува во НЛБ банка во Подгорица, а потоа работи во Дојче банк во Франкфурт. Од 2014 година работи во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во тимот за економска и политичка анализа, прво како економски аналитичар за регионот на Југоисточна Европа, а по унапредувањето на позицијата економист ги покрива земјите од Западен Балкан од канцеларијата во Подгорица.

Во 2018 година, тој беше унапреден во главен економист, со задача да ги покрива земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија од канцеларијата во Букурешт.

Други искуства и обука овој млад политичар стекнал во германската фондација Конрад Аденауер, Лондонската школа за економија, Универзитетот во Пекинг, Академијата за лидерство на Универзитетот Стенфорд и други, се вели во биографијата објавена од движењето „Европа сега“.

Автор е на повеќе стручни трудови и коавтор на две книги. Оженет е со Милена и е татко на три деца.

Во Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ, Милатовиќ ја извршуваше функцијата министер за економски развој од 4 декември 2020 година до 28 април 2022 година.

По падот на владата на Кривокапиќ, заедно со Милојко Спајиќ (министер за финансии во таа влада) го основал Движењето „Европа сега“, кое го добило името по економската програма усвоена од владата на Кривокапиќ за време на нејзиниот едногодишен мандат.

Тој се кандидираше за претседател на Црна Гора „случајно“, односно откако Државната изборна комисија ја одби кандидатурата на Милојко Спајиќ поради спор околу двојното државјанство.

За време на предизборната кампања тој беше нападнат на митинг во Цетиње, кога Милатовиќ пред Спортскиот центар го пречекаа луѓе кои почнаа да го навредуваат и пцујат, а потоа го нападнаа, а го штитеа обезбедувањето и полицајците.

По гласањето во Подгорица, Милатовиќ рече дека на изборите во Црна Гора граѓаните избираат меѓу политиката на минатото, сиромаштијата, поделеноста и политиката на иднината и развојот.

„Само што презедов одговорност и влегов во претседателската трка за да го победам Мило Ѓукановиќ и сето она што тој го претставува во Црна Гора, а тој е симбол на минатото и на политиката што ја подели оваа земја“, рече тој.