Според најновиот извештај „Опстанок на најбогатите“, објавен од Оксфам, глобалното движење за борба против нееднаквоста, кој ќе биде презентиран денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија – за прв пат во последните 25 години, истовремено растат екстремната сиромаштија и екстремното богатство.
Покрај тоа, големите компании и нивните сопственици профитираа од различни кризи. Така, од 2020 година, најбогатиот процент од човештвото имал вкупно 26 трилиони американски долари – а останатите 99 проценти располагале со 16 трилиони американски долари.
Во изминатата година, богатството на милијардерите повторно „порасна“, особено поради „вртоглавите профити на компаниите за храна и енергија“. Меѓу нив има и 95 компании кои минатата година го зголемија својот профит повеќе од двојно.
Во Германија, 81 отсто од вкупниот раст на богатството меѓу 2020 и 2021 година отиде кај најбогатиот процентиод населението. А преостанатите 19 отсто од тоа зголемување на богатството се прераспредели кај 99 отсто од граѓаните на Германија.
Според Оксфам, најмалку 1,7 милијарди работници живеат во земји каде инфлацијата е повисока од растот на платите. Приближно, секој десетти човек во светот е гладен. Според Оксфам, 60 отсто од гладните во светот се жени и девојчиња.
Во исто време, три четвртини од сите влади планираат да ги намалат трошоците во јавниот сектор, како што се образованието и здравството.
Во овој контекст, организацијата ги повика владите да се спротивстават на овој тренд со даноци на вишокот профит и огромно богатство. Оксфам бара данок на вишокот профит од најмалку 50 отсто, бидејќи „претходните планови за оданочување на тие профитери од кризата пропаднаа“.
Така остварениот приход ќе треба да се инвестира во подобрување на социјалната сигурност, образованието и здравството со цел да се бори против нееднаквоста и сиромаштијата.