Во три повторени круга на гласање за функцијата претседател на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Кевин Мекарти не ги освои потребните 218 гласови, бидејќи ултраконзервативните членови на неговата партија гласаа против него, а по третиот круг на гласање, седницата беше распуштена, а гласањето продолжува денеска.
Тоа е првпат во изминатите 100 години претседавач да не биде избран во првиот круг на гласање.
Групата што ја блокира номинацијата на Мекарти вели дека тој не е доволно посветен на конзервативните каузи и го симболизира, како што тие веруваат, неуспешното републиканско раководство во време кога претседателот Џозеф Бајден се залага за прогресивни социјални политики и федерален буџет на кој се противат повеќето републиканци.
Во првиот круг од гласањето, демократскиот лидер Хаким Џефис освои повеќе гласови од Мекарти – 212 спрема 203. Десет републиканци гласаа за конзервативниот ривал на Мекарти, Енди Бигс.
Во вториот круг, популарниот конзервативен конгресмен Џим Џордан се обиде да добие поддршка за Мекарти, но тогаш противникот на Мекарти, конгресменот Мет Гац од Флорида, го номинираше за претседател. Во третиот круг, повеќе од 20 републиканци гласаа за Џордан во обид да го блокираат Мекарти.
Републиканците освоија тенко мнозинство на изборите во ноември – 222 места наспроти 212 на демократите, што значи дека на Мекарти му треба партиско единство за да биде избран.